СТИХОЗБИРКАТА Е ФИНАЛЕ НА ТРОМЕСЕЧНАТА ПОЕТСКА РАБОТИЛНИЦА
Песните во збирката се плод на детската фантазија и визија, а се создавани во текот на поетските работилници под наслов „Поезија и многу, многу стих“, кои се одржуваа како тримесечна програма во центарот,,Данаил Станојески“, и еднодневните работилници што се одржуваа во неколку скопски училишта.
„Кога ќе ги читате песниве, ќе видите како почнувате да чувствувате, а тоа е и целта на поезијата, да допре до срцето. Ќе почувствувате како песните растат, односно како децата растат низ песните“, пишува во предговорот кон книгата Филип Димкоски, млад поет, предавач и раководител на Поетската работилница „Поезија и многу, многу стих“. Промотор на книгата беше писателот и поет Ефтим Клетников, дел од застапените творби во книгата прочитаа самите автори-децата, се рецитираше и поезија од Ефтим Клетников и од Видое Подгорец, а имаше и музичка точка. Уредник на изданието е Загорка Поп Антоска-Андовска, која е раководител на центарот „Данаил Станојески“, лектор е м-р Татјана Пеливанова, а дизајнот на корицата го направи Владимир Андовски. Со промоцијата се заокружи работата за оваа година на тримесечната Поетска работилница, која се очекува да продолжи наесен, а Центарот за сите деца нуди и програма во текот на летото, што опфаќа филмски работилници за деца и за млади. http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=61615852317&id=25&prilog=1&setIzdanie=23493 |
ФОТОГРАФИИ ОД ПРОМОЦИЈАТА НА СТИХОЗБИРКАТА
„МОЈАТА ПЕСНА“
„Прашање“
поетска творба на Магдалена Гоџо
Седам и размислувам,
се премислувам, но
еве веќе половина час пројде,
а одговорот никако да дојде.
Зошто е волшебен зборот?
Каква моќ ли крие?
Легнав и решив,
нема да размислувам, но пак
душава не ми спие,
одговор на прашањето нема.
Каде ли се крие?
Зар до зора ќе го чекам одговорот?
Нема ли побргу да дојде?
Изгледа го згрешил патот,
во спротивна насока појде.
Одговорот го нема
да се појави.
Дали воопшто некогаш
ќе се појави?
Решив да побарам,
да видам кај се крие
и размислував, размислував,
па ми текна.
Одговорот во срцето
на секоја книга спие.
Магдалена Гоџо,
5-то одделение