Центар за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“
Мисија и цели
Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ има за цел да дејствува како културно – едукативен простор во кој ќе се стимулира уметничкиот израз, став и набој, посебно инсистирајќи на ангажирано учество на публиката, не само како пасивен реципиент, ами и чинител на уметничкото. Полето на интерес на Центарот е фокусирано на изведувачките, визуелните и аудиовизуелните уметности низ аспектите на глобалниот мултидисциплинарен, интердисциплинарен и трансдисциплинарен израз на создавање, претставување и интерпретација на современите уметнички форми. Центарот, како иницијатор, подржувач и промотор на уметноста и уметниците, ќе влијае во промислувањето на уметноста, како општествен и политички чин, нераздвоен од контекстот во кои се создава делото. Воедно, на локален план ќе влијае на културната политика, и на другите јавни политики поврзани со неа, ќе придонесува кон децентрализација на културата во Р.Македонија, ќе воспоставува регионални културни соработки со земјите од Југоисточна Европа, но и со други сродни гео-политички и општествени контексти, ќе придонесува кон развојот на интеркултурниот дијалог и негувањето на културната разноликост, ќе го јакне капацитетот на артистите на независната сцена, ќе ја унапредува едукацијата во областа на културата и уметноста, ќе иницира стручни и научни истражувања во културата, ќе отпочнува дискусии за состојбите во културата и уметноста.
План и програма
Делувањето на Центарот, во контекст на реализација на мисијата се артикулира низ повеќе формати:
ПРАШАЊА, А НЕ КОНСТАТАЦИИ (дијагноза)
Да се постават вистинските прашања, значи да се мапираат инфектираните точки на културното ткиво на овој гео-политички локалитет во кој претендираме да развиваме уметност и сродни уметнички форми. За да се постават вистинските прашања, потребна е анамнеза на состојбите, анализа на културните пројави и нивната „успешност“ во комуникацијата со публиката како краен реципиент.
РАЗМИСЛИ И ПРОМИСЛИ (вербални дискусии и уметнички пројави)
Потикнување на размисли за изнаоѓање на методи и начини за унапредување на уметничката мисла вис-а-вис уметничкиот чин значи и познавање и промислување на актуелните состојби на полето на македонската уметност и култура.
СПОДЕЛУВАЊЕ (предавања)
Искуството треба да се стекне, но и да се сподели. Предавањата од домашни и странски културни дејци, теоретичари и уметници, можат да бидат од голема корист за унапредувањето на домашната уметничка сцена.
ЗАПИСИ (аудио, видео, печатени записи)
Со цел, сите претходни напори во изнаоѓање на модели за уметничко присуство и дејствување да не се „одвеат“ неопходен е запис кој ќе се употреби како база за некои слични идни обиди.
Активности и теми
- Платформа „ДАСТА Вмрежување“. Иницирање, развој и реализацијата на платформата која ќе „вмрежи“ - поврзе и потикне на соработка меѓу млади уметници од различни сфери на уметноста (театар, филм, ликовни уметности, музика, нови медии...) кои по принципот „помогни ми да ти помогнам“ ќе ги реализираат своите уметнички замисли со логистичка подршка на Центарот. Од оваа платформа корист ќе има секој кој што во уметноста гледа можност за отварање на дебата за подобар свет.
- „Уметник – реципиент (за кого е уметноста?)“ Циклус дискусии и предавања на оваа тема со цел да се подобри комуникацијата на уметникот и публиката.
- „Уметник – мецена (кој треба да цени?)“ Циклус дискусии кои задираат во прашањето дали „независната“ сцена е навистина независна? Што точно подразбира терминот „демократизација на културата“ имајќи во предвид дека укинувањето на еден тоталитарен политички систем само по себе не подразбира и инстант решение за состојбите во културата и уметноста. Кој е новиот модел и дали постои таков „модел“?
- „Уметникот и стварноста“ се циклус на дискусии на тема дали и колку уметникот денеска е свесен за општетствениот и културолошкиот контекст во кој созадава. Дали масовното игнорирање на стварноста во уметничкиот чин, бегството од „горливите теми“ е промислено или стихијно. Дали уметникот, денеска, има методологија на восприемање и претворање во уметност на стварноста (општествена, политичка, социјална...)
- „Уметникот/уметноста во регионална рамка“ Македонскиот културно-уметнички простор не е имун, не е издвоен/изолиран во однос на регионот. Делејќи заедничка историја, сакал или не сакал овој гео-политички ринг дели и заедничка сегашност. Интерферирањето на политиката и уметноста е општо место каде треба и можат да се споделат искуствата.
- „Уметникот и политичкото“. Сведоци сме дека политиката и политизацијата се повеќе го зафаќа и културниот и уметничкиот простор, па оттука извонредно значајно е освествањето на границите на уметноста/културата и политиката. Дали постои формула која го дозира политичкото присуство во уметоста/културата? За какво присуство зборуваме? Дали и како политиката ја „оплодува“ уметноста/културата, а како ја деградира?
- „Уметникот и глобализацијата. “ Дали навистина локалното е во колизија со глобалното? Колку глобализацијата е закана за традиционалните/национални културни вредности? Дали природниот процес на глобализација е (не)запирлив? Како треба да го „третираме“ влијанието на глобализацијата со цел да роди нов квалитет?
- „Едукација“ . Едукација на уметниците со цел појасна артикулација на ументичката мисла, и освестување на уметничкото кредо. Промислено, а не спонтано/стихијно дејствување без јасна порака, разбирлива за реципиентот.
КОНКУРСИ
Центарот преку објавување на јавен повик односно конкурс ќе дојде до фонд на проекти кои во духот на мисијата и програмата на Центарот, како приоритетен критериум, ќе бидат разгледани од страна на тричлена комисија. Проектите кои ќе бидат избрани како релевантни во постигнувањето на целите на Центарот ќе бидат ставени како приоритетни за реализација. Во конкурсот ќе бидат пропишани и приоритетите, како и критериумот за оценка и избор.
ФИНАНСИРАЊЕ
Средствата за реализација на проектите ќе се прибавуваат од донатори, фондации, спонзори, и државни фондови за проекти.
Некои од проектите ќе се реализираат и од сопствен буџет на Центарот.
Некои од проектите ќе се реализираат без буџет, доколку проектот дозволува.
ЛОКАЦИИ
Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ ги става на располагање двете свои локации во Општина Центар (спроти Олимписки базен) и Општина Кисела Вода (кај парк Фредерик Шопен), со квадратура од 70м2 и 30 м2, кои во целост се адаптирани за да ги опслужат активностите на Центарот. Центарот ќе соработува и со сродни институции и простори со цел поуспешно претствување на проектот како замисла на уметникот/иницијаторот.